Владата ја одржа 30-тата седница: Министерствата на мини скрининг за обнова на препораката за преговори со ЕУ; МВР во набавка на нови униформи и опрема; Владата ќе го прецизира начинот на ангажирање на државните службеници со совети и комисии

 

Владата на Република Македонија на денешната 30-та седница, со која претседаваше Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, им препорача на сите министерства до крајот на оваа недела да извршат ажурирање на нивните обврски и динамика на исполнување на активностите предвидени во Планот 3-6-9 кои, треба да бидат реализирани во периодот од 6 месеци од почеткот на овој реформски процес за исполнување на обврските и критериумите за придвижување на евро-атлантските процеси.


На денешната седница, министрите во владата беа информирани дека во текот на денешниот ден, од страна на Секретаријатот за европски прашања ќе добијат писмо со препораки за постапување во однос на мини прашалникот за секое министерство, кое треба да послужи како информативен материјал во формирањето на најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во процесот за остварување на целта – враќање на препораката за отпочнување на преговорите со Европската Унија.


Овој мини скрининг за работата на владата, кој треба да биде завршен до 17 октомври, како што беше кажано на денешната седница, доаѓа како одговор на поволните оценки за работењето на Владата на РМ, особено во делот на политиките Република Македонија во ЕУ интегративните процеси.


Министрите во владата, на денешната седница ја разгледаа и усвоија информацијата со статистички податоци за кривични предмети од областа на корупцијата за 2016 година. Владата ги  задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција, Министерството за финансии – Управа за јавни приходи. Министерството за финансии – Царинска управа, Министерството за финансии – Управа за финансиско разузнавање и Министерството за информатичко општество и администрација, во рок од 7 дена до Министерството за правда да достават номинации за членови на Работната група за преглед и ажурирање на Методологијата за релевантен статистички систем за мониторинг на анти-корупциската политика, согласно препораките на Европската Комисија која врз основа на оваа статистика ќе се стекне со сознанија за справувањето со корупцијата во Република Македонија.


На дневниот ред на денешната седница се најде и беше усвоена и информацијата за тринаесеттиот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој помеѓу Европската Унија и Република Македонија во Скопје. На седницата владата ги задолжи надлежните министерства и другите јавни претпријатија, владини акционерски друштва и агенции, да ги усогласат политиките согласно регулативите и препораките на ЕУ во овие области.

 


На оваа седница владата го усвои и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија, Годишниот извештај за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост за 2016.


Министерството за труд и социјална политика на седницата ја презентираше информацијата за подобрување на статусот на деца кои користат услуги во јавни установи за деца - детски градинки. Владата ја разгледа оваа информација и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од еден месец да изготви измени и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца.


На седницата владата донесе одлука да се даде позитивно мислење на Предлогот на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“.


Владата да ја разгледа Информацијата за текот на работата на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, како материјал за информирање.


На својата 30-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од набавка на униформи за припадниците на полицијата на Министерството за внатрешни работи, и го задолжи министерството да поднесе барања за добивање согласност до Советот за јавни набавки за спроведување на јавни набавки за повеќе делови од униформата за припадниците на полицијата. Во врска со оваа точка, владата донесе одлука да му се укаже на Советот за јавни набавки, поднесените барања од Министерството за внатрешни работи во однос на униформата за Полицијата, согласно закон да ги разгледа во пропишаниот рок и да донесе одлуки во рамките на утврдените законски надлежности.


Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за предлог Измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица, за правните лица во областа на камионскиот транспорт и такси превозот. Со оваа одлука се врши прецизирање на начинот на пресметка на бонус или малус (доплаток на премијата на осигурување) за осигурениците и се изврши намалување на доплатокот за малус од 200% на 100%.


На денешната седница е усвоена и информацијата за донесување акти за зголемување на паричен влог на основната главнина на Друштвото Фабрика за шински возила Велес дооел Велес (Колска Велес), со што се обезбедени условите за правно спроведување на одлуките кои обезбедуваат редовно работење и исплата на заостанатите плати во ова друштво.

 

 

 

Министерството за култура на седницата на владата достави информација на усвојување со која предложи оваа година да не биде доделена наградата „23 октомври“. Владата го усвои предлогот врз основа на информацијата дека на комисијата за доделување на оваа награда мандатот ѝ завршил во февруари оваа година и дека претходната влада не покренала постапка за формирање нова. Заради оваа ситуација биле пробиени и сите други рокови за пријавување на кандидати за оваа награда.


На денешната седница на Владата на Република Македонија, на предлог на Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, е донесена одлука сите министерства да достават информација за нивните правилници и практики за исплати на надомест за дополнителна и прекувремена работа на службениците во министерствата ангажирани во совети и комисии. Оваа информација потоа треба да послужи како основа за утврдување на принципите, врз основа на кои владата треба да донесе став по ова прашање.

 

Категорија: 
Галерија со слики: