Премиерот Заев во воведното обраќање на Самитот во Подгорица: Испраќаме регионална порака до НАТО и светот, членството е наша заедничка иднина!

 

Почитуван потпретседател на САД, Мајк Пенс, почитуван премиер на Црна Гора, Душко Марковиќ, почитувани присутни, почитувани медиуми,

Јадранската повелба испраќа силна регионална порака до НАТО Алијансата и до светот:

- Членството во НАТО е нашата заедничка иднина.

Интеграциите во НАТО бараат од нас меѓусебна соработка. Бараат политики на мостови. Бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионалната и глобалната безбедност. Бараат свесност од наша страна, како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави, да придонесуваме кон светскиот мир.

Со нашето присуство овде, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ние велиме: Да, подготвени сме да соработуваме во интерес на граѓаните на нашите држави и низ интеграциските процеси, да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО.

Членството на Црна Гора во НАТО е охрабрувачка порака на Алијансата дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесуваат за колективните потреби и за сопствените граѓани.

Ѝ честитам на Црна Гора!

Изразувам верба и подготвеност за акција, за Република Македонија да биде 30-тата членка на НАТО.

Интеграциите на Република Македонија во НАТО и во Европската унија се стратешки цели за нашата држава. Сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон НАТО и ЕУ. Новата Влада на Република Македонија, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓани и иднината на своите деца.

Работиме темелно, посветено и енергично.

За да ги забрзаме интеграциите во ЕУ и НАТО на домашен план го почнавме Планот 3-6-9 за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани.

На регионален план се отворивме кон соседите за зацврстување и продлабочување на соработката, пријателството и довербата. Вчера потпишавме Договор за добрососедски односи со Бугарија, но паралелно ја интензивиравме комуникацијата и со другите земји од регионот.

Овие чекори се во насока на развој на Република Македонија но и на развој на регионот.

Очекувам дека ќе придонесат кон напредок во европските и евро-атлантските интеграции на Македонија со членство во НАТО и со сериозни придвижувања на државата кон членство во ЕУ.

Охрабрени сме од оптимизмот, вербата и поддршката што ги чувствуваме од нашите граѓани, но и од оптимизмот, вербата и поддршката што доаѓаат од САД и од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ.

Тоа за мене како премиер на Република Македонија и за нас како Влада е силен мотив да ја оправдаме довербата и да ги оствариме очекувањата во интерес на граѓаните на Македонија, на регионот, како и во светски рамки.

Бидејќи е ова Самит што се однесува на НАТО интеграциите, изразувам во оваа прилика благодарност за постојаната соработка со САД којашто многу значи за демократските интеграциски процеси на Македонија, а и регионот.

Тоа што со нас седи висок претставник на Соединетите Американски Држави, покажува каков верен, стратешки партнер имаат Македонија и регионот во САД и во НАТО.

Затоа најавувам дека ќе продолжиме како држава да бидеме партнер од доверба во мисиите на НАТО и активно да придонесуваме кон безбедноста.

Република Македонија ќе го зголеми буџетот за одбрана и ќе го зголемиме учеството во мисиите на НАТО.

Исто така, ќе ги интензивираме односите со земјите членки на Јадранската повелба.

Свесни сме дека дека регионот, овој мал дел од светот на којшто припаѓаме, е стратешки важен за регионалната и глобалната безбедност и стабилност.

Ова треба да нѐ охрабри, не смее да нѐ плаши. Да работиме напорно и со нашите потенцијали и да покажеме дека силата е во волјата и во ангажираноста, а не во тоа колку сме големи или мали како држави. Затоа што, на крајот, секој има своја улога и свое значење под сонцето, на демократскиот хоризонт. 

Јадранската повелба е можност да седиме заедно и да ги дискутираме заедничките интеграциски, безбедносни и одбранбени предизвици, како и идните перспективи за регионална и транс-атлантска соработка, како и да бидеме активни партнери во овие процеси.

Република Македонија е почестена што може да претседава со Самитот на земјите членки на Јадранската повелба и да биде ко-домаќин со Република Црна Гора.

Ја имаме шансата да покажеме дека ние сме генерација политичари со позитивен дух и со отворен ум за потребите од нов начин на управување и убеден сум дека ќе одговориме достоинствено на честа и одговорноста доверена од граѓаните во нашите држави, во регионот, а во интерес на потребите на светскиот мир и напредок.

Категорија: 
Галерија со слики: