Премиерот Заев оствари средба со нерезидентни амбасадори што ја покриваат Република Македонија од Белград: Планот 3-6-9, добрососедската политика на Македонија и градењето политички консензус од интерес на дипломатите

 

Премиерот Заев на маргините на официјалната посета на Република Србија оствари средба, работен ручек, со нерезидентни амбасадори што ја покриваат Република Македонија од Белград.

На средбата на која присуствуваа амбасадорите на Австралија, Финска, Канада, Данска, Португалија, Мексико и на Ангола, како и замениците амбасадори на Норвешка и Белорусија, премиерот Заев информираше за имплементацијата на реформските процеси од Планот 3-6-9, како и за приоритетите од овие проекти кои имаат за цел реституирање на демократските институции и процеси во земјата, од кои се очекува нова динамика на евро-атлантските аспирации на нашата земја.

Претседателот на Владата на Република Македонија во разговорот со амбасадорите се задржа и на актуелните иницијативи на Република Македонија во однос на градењето добрососедски односи. Во таа насока, премиерот Заев го изрази своето задоволство од посетата на Република Македонија, и им ги пренесе на амбасадорите позитивните искуства од потпишаниот договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.

Премиерот Заев ги запозна дипломатите и со реафирмацијата на разговорите со Грција и изрази увереност дека тенденциите покажуваат волја за барање решенија.

За ова прашање, како и за прашањата од стратешки интерес на Република Македонија, интензивираме процес со кој сакаме да постигнеме консензус со сите политички фактори во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата, истакна премиерот Заев на средбата со нерезидентните амбасадори што ја покриваат Република Македонија од Белград.

Категорија: